Зелен хуман град: Измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот

 

ЗХГ беше пред македонското Собрание каде што пратениците повторно одлучуваат во име на независните кандидати без да ги земат предвид нашите барања да го изменат Изборниот законик почитувајќи ја одлуката на Уставниот суд. Новиот противуставен предлог повторно се сервира иако пред повеќе од два месеца до сите пратеници доставивме информации за бројот на потребни потписи во други европски земји, а им ги доставивме и меѓународните препораки за добри практики иако тоа се информации што веќе тие самите би требало да ги имаат, се вели во соопштението од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД што го пренесуваме интегрално.

Со претходниот закон за независно кандидирање требаа 4.500+ потписи за Град Скопје, а со сегашниот предлог ќе требаат 4.430 – колку што на локалните избори во 2021 г. „тежеше“ едно советничко место! Најновиот амандмански предлог прифатен во двете комисии и од власта и опозицијата беше 2.300 потписи за воопшто да добиеме право да се кандидираме за Град Скопје. Потсетуваме дека потписите треба да ги собереме во период од само 15 дена во ек на летни одмори исклучиво во канцелариите на ДИК.

Измените на Изборниот законик се обид за лажно и привидно намалување на прагот кој е превисок дури и за држави со далеку побројно население од нашето. Ова е уште еден подмолен обид за целосно исклучување на граѓаните од политичкиот живот и обид за зацврстување на монополот на зацементираните партии кои повеќе од три децении буквално ги крадат нашето здравје, нашата среќа, нашите животи, а сега ни го крадат и правото на избор!

ЗХГ продолжува да собира потписи од сите државјани на Македонија кои сметаат дека вреди да се поддржи единствената партија формирана од долгогодишни волонтери кои ги живеат принципите на заштита на животните, животната средина и социјална правда. Продолжуваме да собираме потписи од сите кои сметаат дека мора да се стави крај на префрлањето на топката меѓу играчите кои над 3 децении покажуваат дека играат против нас, граѓаните!

Потписите може да се дадат на кој било нотар, а на нашите социјални медиуми се објавени нотарите кај кои има веќе испечатени документи за потпис. Дополнително потребно е вадење државјанство.

17.08.2025 - 11:39

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега