Мицкоски: Експертите велеа дека најмалку седум дена ќе се гасне пожарот во Трубарево, благодарение на координираноста на институциите го изгаснавме за 30 часа

 

Пожарот во Трубарево е изгаснат и нема чадење уште во текот на вчерашниот ден. Иако експертите ни велеа дека ќе ни бидат потребни седум дена тој да биде заснат, ние тоа го сторивме за 30 часа благодарение на координираноста на институциите и на пожарникарите, вели премиерот Христијан Мицкоски.  

-Во Трубарево нема чадење уште во текот на вчерашниот ден, а ако одите од првиот ден наназад и направите анализа, тогаш ќе добиете информација од страна на овластени лица за таа цел во којашто тие велеа тогаш дека најмалку ќе ни требаат 7 до 10 дена за да се стави целата работа под контрола, но со организирана активност на институциите заедно со пожарникарите за помалку од 30 часа се стави состојбата под контрола, односно веќе немаше чадење, потенцира премиерот Мицкоски во гостувањето во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител ТВ говорејќи за последните случувања со пожарите на депониите истакнаи. 

Посочи дека верува дека во Трубарево работата е завршена и дека има одреден слој на земја кој го има покриено отпадот кој гореше и состојбата е стабилизирана, додека параметрите на загадување се далеку од тие, како што рече, кои се обидуваат со шпекулации и невистини да ги соопштува во јавноста опозицијата и не се животозагрозувачки како некој што се обидува тоа да го каже. Притоа посочи дека ова не го кажува за да го оправда пожарот, туку да внесе мир и спокој кај граѓаните бидејќи тоа што се обидува опозицијата да го направи е да внесе немир, а реалноста, вели, е сосема поинаква. 

-Во Вардариште, таму имаме веќе агенција која го обезбедува периметарот на депонијата која почната е да се создава веднаш по земјотресот во Скопје, значи тоа е проблем стар повеќе од пет децении. И конечно останува Дрисла, денеска сум на линија со луѓето кои таму се обидуваат да го решат проблемот и некаде околу 95 проценти е намалено чадењето и очекувам во текот на утрешниот ден и таму да биде решена целосно состојбата. Така што можам да кажам дека со здружена акција на институциите, овие три жаришта се решени иако ниту едно не е надлежност на државата, особено тука зборувам за Дрисла.“, нагласи премиерот Мицкоски.

Во однос на одговорноста, премиерот Мицкоски посочи дека за таа цел околу десетина луѓе од раководната служба на Дрисла се повикани на разговор во СВР Скопје, се анализираат нивните изјави и исто така се очекува во текот на утрешниот ден да дадат искази како кога настануваат пожарите дел од опремата на Дрисла оди на сервис и е неподготвена за предизвиците и како луѓето земаат боледување, а активисти блиски до СДСМ и ДУИ ја посетуваат депонијата. 

-Така што сето ова во периодот кој следи ќе биде истражено и ако некој мисли дека ќе помине неказнет, тогаш се лаже. Што се однесува за Трубарево таму четири лица се приведени и има притвор, а исто и со приведените за Вардариште за кои е одреден притвор, истакна премиерот Мицкоски во гостувањето.

Премиерот додаде дека од Министерството за животна средина е издадена наредба до инспекторатот за вонредна контрола за сите депонии кои имаат лиценца, дали работат по закон, ако не работат да биде одземена дозволата, а за дивите депонии се задолжени општините да ги исчистат.

15.09.2025 - 21:31

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега