Муцунски и Бирн разговараа за европската иднина на Македонија

 


Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со државниот министер за европски прашања и одбрана на Ирска, Томас Бирн.

На средбата, како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се разговарало за европската перспектива на земјата и континуираната посветеност на реформскиот процес. Министерот Муцунски ја нагласил јасната определба и ангажман на Владата во насока на спроведување на реформите. Притоа, изразил очекување дека за време на ирското претседавање со Советот на Европската Унија ќе се потврди и конкретизира поддршката за процесот на проширување.

Министерот Бирн ја реафирмирал принципиелната, гласна и доследна поддршка на Ирска за европската интеграција на Република Северна Македонија, нагласувајќи дека тоа претставува стратешко и безбедносно прашање за целата Европска Унија.

Во разговорот биле разгледани и можностите за унапредување на билатералната соработка, со посебен фокус на економската и трговската соработка.

30.07.2025 - 15:41

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега