Муцунски во Дејтон: Воспоставување на траен мир и стабилност на Балканот

 

На покана од конгресменот Мајкл Тарнер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски учествувал и се обратил на завршната Пленарна седница во рамки на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, по повод 30-годишнината од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор.

Како што напиша на неговиот фејсбук профил Муцунски, настанот бил силен потсетник за значењето на дипломатијата во воспоставувањето на траен мир и стабилност на Балканот.

- Во своето обраќање ја истакнав важноста од зачувување на стабилноста во регионот, посочувајќи дека современите безбедносни закани бараат координиран пристап, засилен ангажман на меѓународната заедница и уште потесна соработка меѓу земјите од Западен Балкан. Европската и евроатлантската интеграција останува клучна алатка за постигнување долгорочен мир, развој и заштита од надворешни влијанија, објави министерот Муцунски на ФБ.

Говорејќи за престојниот Самит на НАТО во Хаг, тој подвлекол дека одвраќањето не се постигнува со декларации, туку со инвестиции, решителност и кредибилни капацитети.

- Единството мора да биде функционално, не само декларативно. Нека Хаг биде самит на решителност – што ќе донесе капацитет, а не само соопштенија, напиша на фејсбук Муцунски. 

 

 

27.05.2025 - 09:35

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега