Митева: Од 8 активни меѓународни арбитражи, оваа Влада успешно заврши 3 во полза на Македонија
Од осум активни арбитражи, владата успешно завршила три во полза на државата, информираше портпаролката Марија Митева на прес-конференција во прес-центарот во Владата
-По вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и заштеди 115 милиони евра, пари на граѓаните, цениме дека јавноста има потреба да ги знае работите кои согласно класификацијата на доверливост можат да се споделат во јавноста. Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа, рече Митева.
Вели, во изминатиот период, координативното тело за арбитражни постапки вложи максимални напори – од внимателна анализа на документите и договорите, до темелна подготовка со правни аргументи – со што обезбедивме силна и одржлива позиција во постапката.
-Со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024, владата наследи 8 активни меѓународни арбитражни постапки, што претставува рекорден број на активни арбитражни постапки во даден момент, од кои 3 постапки беа инвестициски спорови и 5 трговски спорови, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки. Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета по буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра, плус трошоци во постапките. Овој податок говори за неодговорниот однос на претходната влада, која со своите постапки ги довеле во ризик буџетот на државата и меѓународниот углед на државата, што резултирало со 8 активни и 4 потенцијални меѓународни спорови. Па сосема легитимно е да го поставиме прашањето зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување на пари од буџетот на граѓаните, рече Митева.
Вели Владата заштедила 565 милиони евра.
-Со одговорниот однoс и ефикасна одбрана оваа Влада има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од околу 565 милиони евра, и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки, и тоа:
- арбитражна постапка позната како Казандол против Македонија со вредност од околу 115 милиони евра.
- арбитражна постапка позната како САСА против Македонија, со вредност од 445 милиони евра.
- арбитражна постапка ГАМА против Македонија, со вредност од над 5 милиони евра. Овој исход е потврда дека со транспарентност, одговорност и заедничка работа можат да се постигнат резултати кои во минатото беа претставувани како невозможни. Секој позитивен резултат ја зајакнува довербата во институциите и ја штити државата од непотребни финансиски и репутациски штети. Координативното тело на Владата за водење на арбитражни постапки ќе продолжи да работи професионално, отчетно и транспарентно. Ќе ги информираме граѓаните за секој следен чекор, ќе инсистираме на силна правна аргументација и ќе покажеме дека институциите можат да ја бранат Македонија, вели Митева.
Нашата цел е едноставна - да ја заштитиме државата, парите на граѓаните и угледот на институциите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа