Нови правила на ДИК: Изборот на избирачките одбори ќе биде по случаен избор
Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, донесе неколку клучни одлуки во пресрет на претстојните локални избори. Од страна на ДИК беше усвоено упатство за именување на претседател, членови и нивни заменици во избирачките одбори, кое произлегува од законските обврски за формирање нови состави од редовите на државната администрација, со оглед дека оваа година истече четири -годишниот мандат на избирачките одбори кои беа избрани пред локалните избори во 2021 година.
Како што посочи претседателот на ДИК Борис Кондарко, беше донесена и методологија за именување на претседател членови и нивни заменици на новите избирачки одбори. Изборот, нагласи тој, ќе се спроведе преку систем на случаен избор од Министерството за јавна администрација (МЈА), согласно важечките законски процедури и врз основа на упатство за родовата и националната застапеност.
-Предлог методологија за именување на претседател, членови и нивни заменици на новите избирачки одбори произлегува од донесено упатството а се однесува за новиот избор кој ќе следи до крајот на август на новиот состав од редовите на администрацијата по што во септември ќе следи нивна соодветна обука и доставување прирачници за нивната работа, изјави претседателот на Државната изборна Комисија Борис Кондарко
Кондарко посочи дека оваа точка е поврзана со претходно усвоеното Упатство (точка 10) и претставува логичен следствен чекор во постапката за составување на новите избирачки одбори во пресрет на Локалните избори 2025 година.
Едногласно беше усвоена и Предлог-одлука за измена на описот на избирачки места во кои бројот на избирачи надминува 1000 како дел од редовната постапка за усогласување со законската одредба дека на едно избирачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи. Промените се однесуваат на избирачки места во општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и во Тетово, каде што ќе се изврши нова распределба на гласачите – без да се менува вкупниот број на избирачки места. Овие одлуки се дел од подготвките за одржување на изборите во согласност со Изборниот законик и со цел обезбедување фер и ефикасен изборен процес.
На седницата исто така беше усвоена и Предлог-одлуката за неможност за извршување на работни обврски по два или повеќе основи во постапка за организирање и спроведување на ист изборен процес и Предлог-одлука за изгледот на беџовите за идентификација.
ДИК ја усвои и Предлог-одлуката за измена и дополнување на Годишниот план за вкупни потреби за јавни набавки за 2025 година на ДИК.
Членот на ДИК Ангелчо Ристов рече дека предмет на измена во Годишниот план се набавка на сервер за системскиот и софтверскиот оддел на ДИК. Втората е набавка на систем за складирање на податоци, исто така, наменет за серверскиот оддел на Комисијата.
Беше усвоена и Предлог-одлука за дополнување на Упатството за работа на Oпштинските изборни комисии и Општинската изборна комисија на град Скопје (бр. 08-873-1 од 13.03.2024). Се работи за дополнување на Упатството за работа на ОИК и ОИК Скопје (бр. 08-873/1 од 13.03.2024).
-Со измената, во член 2, став 5, се додава реченица со која се пропишува дека: „Секретарот на ОИК и КГС не смее да биде член на семејство, брачен или вонбрачен другар, дете, родител, брат, сестра или лице што живее во заедничко домаќинство, ниту блиско лице во брачна или вонбрачна заедница со претседателот на ОИК; роднина по крв во права линија и странична до четврти степен, роднина по сватовство до втор степен, како и физичко или правно лице со кое претседателот на ОИК има финансиски интерес согласно член 8, ставови 3 и 4 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.“ Останатите одредби од упатството остануваат непроменети, рече Светлана Карепетрова.
Воедно, комисијата го прифати Предлог-правилникот за неможност за извршување на повеќе работни обврски по два или повеќе основи во постапката за организирање и спроведување на еден ист изборен процес. Во самата одлука се наведува дека следните категории лица не можат истовремено да бидат ангажирани по повеќе основи од страна на ДИК: членови на изборни органи, членови на избирачки одбори, членови и секретари на општински изборни комисии, сертифицирани обучувачи за изборни органи, лица ангажирани како помошни тела во Стручната служба на ДИК.
Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе го донесе роковникот со изборни дејствија што ќе следат.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа