Песков: Средба со Зеленски не е на агендата на Москва, Путин има други приоритети

 

Кремљ денеска повтори дека барањата на украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговите западни сојузници за брзи мировни преговори со претседателот Владимир Путин не е на агендата на Москва.

Според Кремљ, таква средба треба да биде добро подготвена. 

Одговарајќи на новинарски прашања, портпаролот на Кремљ, Димитри Песков наведе дека рускиот претседател има други приоритети, меѓу кои е посетата на Кина.   

„Путин ќе оди во посета на Кина и се подготвува за економски форум во Владивосток“, рече Песков. 

Рускиот претседател ќе престојува во официјална посета на Кина од 31 август до 3 септември, пред да отпатува на рускиот Далечен Исток на економски форум. 

Инаку, во разговор со новинарите, Песков потврди дека имало постојан контакт меѓу руските и украинските преговарачи од претходните состаноци во Истанбул, но додаде дека не е одреден датум за продолжување на тие разговори, пренесоа светските медиуми.  

Портпаролот на Путин не даде коментар за можна средба меѓу Путин и Зеленски, за која се залага американскиот претседател Доналд Трамп и која наиде на поддршка меѓу сојузниците.  

Песков, исто така, одби да коментира за многуте изјави за можно решение на конфликтот во Украина. 

Во однос на идните безбедносни гаранции за Украина што се дискутираат во Европа, Песков само рече дека станува збор за едно од најважните прашања. 

Тој повтори дека Русија нема да прифати присуство на војници од членките на НАТО во Украина. 

Имено, портпаролот на Кремљ изјави дека Москва „неповолно“ гледа на разговорите за можно распоредување на европски сили на украинска територија во случај на мировен договор меѓу Русија и Украина. Од друга страна пак, Киев бара од своите западни сојузници безбедносни гаранции кои би ја одвратиле Русија од повторен напад на Украина.  

„Не постои европска војска, постојат само армии на одредени земји, од кои повеќе се членки на НАТО“, рече Песков.  

На прашањата на новинарите на што би била подготвена да се согласи Русија, тој рече дека ова прашање не треба да биде предмет на јавна дискусија, додавајќи дека е прерано да се дискутираат деталите за решението. 

„Работата не треба да се води јавно, ова е единствениот начин да се постигне резултат“, рече Песков, кој повторно ги пофали мировните напори на Трамп. 

27.08.2025 - 21:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега