Полицијата ригорозна: За 24 часа уапсени 5 возачи за безобзирно возење

 

Полицијата во текот на вчерашниот ден и ноќта уапси неколку возачи ширум Македонија поради опасно и безобѕирно управување со моторни возила.

На автопатот Скопје–Тетово, кај местото „Студена вода“, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода 31-годишниот А.Ј. од с.Долна Лешница, кој со „ауди“ се движел со брзина од 184 км/ч, на делница каде ограничувањето е 80 км/ч. Само еден час претходно, кај Добарски надпатник, бил приведен 25-годишниот Б.А. од с.Студеничани, кој со „бмв“ возел со 192 км/ч, иако на тоа место максимално дозволената брзина е 100 км/ч.

Сериозен инцидент е регистриран и во Маврово и Ростуше, кај местото „Ростушко Анче“, каде бил запрен 48-годишниот В.Д. од Скопје. Тој управувал „шкода“ под дејство на алкохол, при што е утврдено дека имал 2,90 промили алкохол во крвта.

Ноќеска, околу 01:50 часот, полициски службеници во Велес го привеле 27-годишниот Д.В., кој со „бмв“ управувал во тешка алкохолизирана состојба – со 2,28 промили алкохол во крвта.

Во Битола, пак, полициските службеници констатирале сериозно пречекорување на брзината. На патот кон граничниот премин Меџитлија, кај с.Кравари, 22-годишниот С.С. од с.Средно Егри управувал „фолксваген поло“ со брзина од 107 км/ч во населено место, каде максималната дозволена брзина е 50 км/ч.

 

За сите настани биле известени надлежните јавни обвинители. По целосното документирање на случаите, против приведените лица ќе бидат поднесени кривични пријави за „безобѕирно управување на моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик.

25.08.2025 - 11:45

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега