Силно невреме се движи над Балканот - во Македонија дожд за викендот
Во Хрватска синоќа најтешко беше погодена Истра – каде што во Умаг и околината падна град со големина на орев и за кратко време наврна 100 литри дожд на квадратен метар. Поплавени се улици, а метеоролозите предупредуваат на нови обилни врнежи и денес и утре.
Слична нестабилност се очекува и во Србија. РХМЗ најавува дека во петок ќе има поројни дождови, грмежи и локална појава на град, а на поедини места и силен или олуен ветар. Најризична ќе биде зоната од западна и југозападна Србија преку Шумадија и Поморавје до истокот на земјата.
Босна и Херцеговина веќе од денес ќе биде зафатена од облачност и врнежи, особено во западните и југозападните делови, додека во петок речиси целата земја ќе има дожд и грмежи со пад на температурите за десетина степени.
Во Македонија, топлиот бран кулминира денес со температури и до 37 степени, но од викендот следува освежување – во сабота умерено до претежно облачно со врнежи на север и запад, а дневните температури ќе паднат на 20 до 26 °C.
Метеоролозите за целиот регион предупредуваат на можни краткотрајни поплави, оштетување од град и проблеми во сообраќајот. За конкретни локации ќе се издаваат навремени предупредувања.
Од недела се очекува стабилизација на времето и пријатни температури – меѓу 22 и 28 степени, додека на југот на Балканот до 31 °C.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа