Стојаноски: Ова е ребаланс кој ја отсликува нашата зрела економска политика

 


На денешната собраниска  седница на која се расправаше за дополнетиот ребаланс на  Буџетот за 2025 година, се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски кој истакна дека буџетот е флексибилен инструмент што се приспособува на реалните економски движења и на приоритетите на нашето општество, а воедно потенцираше дека има зголемување на приходите, стабилен дефицит и стабилна фискална политика.

„Станува збор за една важна политичка порака, а тоа е дека имаме капацитет за одговорно и визионерско управување со јавните финансии, со јасна стратегија и со фокус кон потребите на граѓаните. Овој пат не ребалансираме затоа што сме принудени, туку затоа што имаме услови и простор да ги пренасочиме средствата таму каде што ќе создадат најголема вредност, ова е ребаланс на стабилност, ребаланс кој ја покажува зрелоста на нашата економска политика и јасната определба за долгорочна фискална и финансиска одржливост, вели Стојаноски.

Пратеникот Стојаноски истакна дека приходите растат, трошењето е насочено кон приоритети, а граѓаните се во центарот на фискалната и финансиската политика.

„Приходите се зголемени за 8,6% споредено со истиот период претходната година,  расходите се зголемени  за 5,1% а дефицитот станува стабилен и контролиран до 4% од БДП, овие индикатори не се само бројки, тие ја отсликуваат состојбата на економијата и на јавните финансии, тие сведочат на тоа дека остануваме на патот на стабилна фискална политика“, рече Стојаноски.

Тој истакна дека со зголемувањето на платите се вложува во човечки капитал,  со зголемувањето на  пензиите се вложува во достоинството на постарите генерации, а со капиталните инвестиции се вложува  во темелите на економскиот раст.

„Со овој ребаланс предвидени се 800 милиони денари повеќе за покачување на платите, предвидени се 2,5 милијарди денари повеќе за покачување на пензии, вклучени се нови 300 милиони денари за реализација на капитални проекти, што значи дека инвестициите се зајакнуваат“, заклучи Стојаноски.

22.07.2025 - 15:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа