ВЛЕН: Османи одиграл дипломатска офанзива кон Белград, ја запоставил соработката со Косово
Вчера јавноста дозна дека во само еден мандат Бујар Османи одиграл вистинска дипломатска офанзива кон Белград, единаесет средби само со српскиот министер за надворешни работи, плус посебни состаноци, прошетки и вечери со претседателот Вучиќ и други членови на српскиот кабинет. Тоа е повеќе отколку сите негови билатерални контакти со Косово заедно, велат од ВЛЕН.
„Во исто време Османи гордо се фотографираше како промотор на проекти што совршено се вклопуваат во агендата на таканаречениот „српски свет“ од турнејата Отворен Балкан до заедничките гранични протоколи кои ги немаше за Косово.
Прашуваме:
Колку средби имал со амбасадорот на Србија во Скопје и колку од нив беа скриени од јавноста?
Колку пати патувал приватно во Белград без записник и без придружба од македонската дипломатија?
Што го мотивира поранешниот министер да одржува толку чести и неразјаснети контакти со Белград, а истовремено да се претставува како борец против „српскиот свет“?
Не е ли тоа истиот Османи што во ТВ настапи се жалеше дека некој друг го втурнува Албанскиот блок во „српска шема“?
Бујар Османи може да бара алиби, но фактите зборуваат погласно од неговите оправдувања. Албанците чекаат отчет, каде исчезнаа националните интереси додека тој градел кариера на линија Скопје-Белград? Вистината почна да се открива вчера, а
ВЛЕН ќе се погрижи да излезе целосно на виделина“, стои во соопштението од ВЛЕН.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа