Трипуновски за нерегуларностите при откупот на грозје: Засилени контроли и стопирани одморите за инспекторите

 


Државниот инспекторат за земјоделство прави засилени контроли и тоа пред да започне откупот, во делот на калибрација на вагите, во делот на другите услови дали се исполнети, со цел да се спречат нерегуларности при откупот на грозје, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.

-Можам да ви кажам дека годишните одмори на инспекторите во периодот на откупот на грозје се стопирани за да бидат присутни на терен и да го набљудуваат откупниот процес, појаснил министерот во Дневникот на КТВ Телевизија, Кавадарци.

Тој посочил дека нема да има отстапки. Потенцирал дека се работи за да се почитуваат сите правила при откуп на грозјето. Во своето гостување министерот истакнал дека во изработка е и Законот за жестоки пијалоци.

-Формирана е работна група која ќе треба да се произнесе со Закон за жестоки пијалоци, кој ќе ги затвори прашањата кои се актуелни низ годините наназад, истакнал министерот Трипуновски.

Министерот, говорејќи за Законот за жестоки пијалоци, посочил дека ќе има и измени во Законот за вино. Според него, измените кои се прават во Законот за вино ќе бидат прифатливи и за лозарите и за винарските визби.

-Не сакаме да донесеме закон на брза лента кој ќе донесе само комплицирање на процесите. Она што ќе го донесеме ќе биде решавање на проблемите кои од минатото се наследени, т.е. ставање на крај на сите отворени прашања, посочил тој.

28.07.2025 - 16:53

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега