ЕУ го казни Google со 2,95 милијарди евра поради злоупотреба на пазарната доминација
Европската комисија ја казни американската технолошка компанија Google со 2,95 милијарди евра поради злоупотреба на својата доминантна позиција во индустријата за рекламни технологии. Одлуката доаѓа во услови на зголемени трговски тензии со администрацијата на САД поради регулацијата на технолошкиот сектор.
Антимонополскиот орган на ЕУ ја обвини Google дека неправедно ја фаворизира својата рекламна алатка AdX, додека доминира на пазарот преку сопствениот сервер за реклами и алатките за купување рекламен простор.
„Google сега мора да предложи сериозни решенија за конфликтот на интереси, а доколку не го стори тоа, нема да се двоумиме да воведеме строги мерки,“ изјави европската комесарка за конкуренција Тереса Рибера. Таа додаде: „Дигиталните пазари треба да им служат на луѓето и да се засноваат на доверба и правичност.“
Google има рок од 60 дена да ги прекине практиките што Комисијата ги смета за антиконкурентски. Формалната истрага против компанијата започна во јуни 2021 година.
Потпретседателката на Google, Ли-Ен Мулхоланд, изјави дека казната е „неоправдана“ и предупреди дека барањата на Комисијата ќе им наштетат на илјадници европски бизниси, отежнувајќи им да заработуваат.
Компанијата објави дека ќе поднесе жалба на одлуката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа