Филков: Љуботен е болно потсетување, наша обврска е да паметиме
Владина делегација предводена од министерот за правда Игор Филков денеска на повеќе локации положи цвеќе на спомен обележјата оддавајќи им почит на осумте припадници на резервниот состав на Армијата на Република Северна Македонија, кои пред 24 години го изгубија животот кај месноста Љуботенски Бачила.
Почит беше оддадена пред спомен обележјето на бранителот Томислав Настевски во Општината Ѓорче Петров, пред споменикот на бранителите во село Волково како и спомен обележјата во касарната „Илинден” и во село Љубанци.
На 10 август 2001 година, воено товарно возило на АРМ нагази на противтенковски мини на патот кај месноста Љуботенски бачила.
Животот го загубија Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димоски и Раде Јанковски, припадници на резервниот состав на Армијата.
-Наша обврска е да паметиме, да сочувствуваме и да создаваме општество во кое вакви трагедии никогаш повеќе нема да се повторат, се вели во соопштението од Министерството за правда.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа