Јовева во ЕП: На македонскиот народ не му треба ваша дозвола за да постои

 


Своевиден скандал за нас во Европскиот парламент, при расправата за Извештајот на Томас Вајц за нашата земја, вчера предизвика грчката европратеничка Афродити Латинопули од десничарската група Патриоти за Европа (ЕФП), која истакна дека таа е „вистинска горда Македонка“, а не „лажна како жителите на Скопје“. Таа ги поддржа и бугарските ставови за македонскиот идентитет и јазик, порачувајќи дека пристапувањето на земјава кон ЕУ „нема да се случи ниту на сон“. 

Спротивно од Латинопули, нејзиниот сонародник Константинос Абванитис од групата Левица оцени дека напредокот во пристапувањето треба да зависи од исполнување на Копенхашките критериуми и изрази надеж дека Европската комисија „ќе покаже иста ревност кон Западниот Балкан, како што покажува кон Источна Европа“.  

Со негативен став кон нас, очекувано, настапија и бугарските европратеници, како Ивајло Валчев, Станислав Стојанов, потоа Андреј Ковачев и останатите бугарски пратеници кои учествуваа во дебатата. 

Сепак, наспроти тоа, мнозинството европратеници од партиите од т.н. „проевропско мнозинство“ во Европскиот парламент во синоќешната дебата по Извештајот на австрискиот европратеник Томас Вајц за земјава за 2023 и 2024 година, изразија поддршка за нејзините европски аспирации и за пристапување кон ЕУ.

Највпечатлив беше настапот на словенечката европратеничка Ирена Јовева која изјави:

„За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, но на вас, за да го признаете тоа, ви треба чесност, интегритет и храброст.“ 

Јовева додаде и дека документот на Вајц е извештај за патот на земја кандидатка за членство, на кој таа е понижена од некои членки на Унијата. Таа нагласи дека нема да гласа за амандманите за бришење на формулација „македонски идентитет и јазик“ од Извештајот, потенцирајќи дека македонскиот идентитет нема да исчезне поради нечие лобирање. 

09.07.2025 - 10:46

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега