Мирен собир на верници на МПЦ за поддршка на епископ Партениј за митрополит на Дебарско-кичевската епархија
Верници на Македонската православна црква - Охридска Архиепископија денеска одржаа мирен собир на скопскиот плоштад со цел поддршка на епископот Партениј за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Како што беше посочено на денешниот собир, Архиепископот г.г. Стефан предложил само еден кандидат за избор на митрополит на Дебарско-кичевската епархија и го испратил предлогот до членовите на Синодот.
Еден од верниците на собирот Илија Ико Каров посочи дека нивното барање е на тој предлог да има втор кандидат, бидејќи како што рече, народот е живата црква во Македонија.
– Најпрво дозволете да побараме јавна прошка и да се извиниме на двајцата дедовци, како на дедо Стефан, така и на дедо Партениј за овој мирен собир. Знаеме дека нивната монашка смиреност во принцип и не поддржува вакви собири. Исто така уште нешто што треба на почетокот да разјасниме дека ова не е никаков протест, туку ова е собир од верници, од оние луѓе кои што сметаат дека се дел од она што се вика жива црква. Живата црква е несомнено народот во Македонија. Македонската православна црква, односно ние овојпат имаме наш кандидат, кој ги освои срцата на илјадници духовни чеда и едноставно само бараме да биде слушнат гласот на логиката. Бараме на тој предлог избор да има втор кандидат, односно зборуваме за Отец Партениј, во никој случај не сме против новоназначениот монах, кому му посакуваме долг и благодетен живот многу духовни чеда и големо смирение онакво какво што го краси дедо Партениј, рече Ико Каров.
Собирот е за поддршка на владиката Партениј кој има илјадници духовни чеда, вели во изјава за медиумите верникот Благој Веселинов, истакнувајќи дека „ваквото свештенство денес е компетентно да зборува за духовност, исто како некој што прочитал прирачник како се вози велосипед, а никогаш не возел“.
– Овде сме на овој собир денеска за да дадеме поддршка на нашиот дедо Партениј. Мислиме дека ваквото свештенство денес е компетентно да зборува за духовност исто како некој што прочитал прирачник за тоа како се вози велосипед, а никогаш не возел и ќе не учи како ние да го возиме велосипедот. Така што, тука сме дојдени да му дадеме поддршка на Владиката Партениј кој има илјадници духовни чеда, рече Веселинов.
Во медиумите деновиве беше објавено дека Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан откако го унапредил во јероѓакон и јеромонах поранешниот амбасадор во Ватикан и декан на Богословскиот факултет Ѓоко Ѓоргевски, тој е предложен за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа