Шукова: Прв заштитен од Коцевски и Мицкоски за Кочани е Дејан Салтировски
Власта која ја зави Македонија во црно се испречи на патот на правдата за најголемата трагедија во поновата македонска историја, пожарот во дискотеката Пулс во кој 62 деца го загубија својот живот, а 200 беа повредени, рече денеска на прес-конференција Каја Шукова, потпретседателка на СДСМ.
„Христијан Мицкоски ги искористи сите механизми на власта, закани, уцени и присоци со единствена цел да ги заштити своите луѓе, односно оние кои се најодговорни за трагедијата која го снајде Кочани, а тоа се актуелните функционери на власта. Токму обвинителот Љубомир Коцевски кој беше под закана дека ќе биде сменет од актуелната власт, вчера ја затвори истрагата без ниту еден осомничен или обвинет актуелен функционер на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Со што ли го држи Мицкоски Коцевски под своја целосна контрола? СДСМ остави простор истрагата да биде завршена целосно и се надеваше дека ќе има правда. Денес е јасно дека правда нема. Ниеден од актуелните финкционери не е обвинет! Од денес ги поставуваме клучните прашања и ги изнесуваме клучните докази кои очигледно се кријат за да се заштитат оние од власта. Прво заштитено лице е Дејан Салтировски“, рече Шукова.
Таа упати неколку прашања до Обвинителството.
„Дали постои пишана наредба за акциска контрола во која стои дека вратите на дискотеката Пулс треба да бидат затворени? Ова е спротивно на стандардните операциски процедури. Прашуваме кој бил потпишан на таквата наредба? Зошто ако обвинителството поседува ваков документ нема ниту еден обвинет актуелен полициски функционер од таа вечер? Понатаму, Обвинтелството и Власта мора да одговорат зошто нема обвинение против тогаш актуелниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски? Тој знаел или морал да знае дека во наредбата за акциска контрола спротивно на СОП стои дека ќе бидат затворени вратите во дискотеката Пулс?! Понатаму, зошто обвинителството не го објави јавно видеото на кое се гледа началникот на СВР Штип, Дејан Салтировски во периодот 12:30 до 01:20 част пред дискотеката Пулс во Кочани. Дали обвинителството го запраша Салтировски што барал во овој период пред дискотеката и зошто полицијата не влегла да врши акциска контрола како што било предвидено во 12:30 часот кога започнува забавата наместо на крајот од истата? Дали Дејан Салтировски во меѓувреме фалсификувал документација дека вечерта не бил на работа или за тоа постојат конкретни докази? Дали Дејан Салтировски е заштитен од кривичен прогон затоа што ее во кумовска врска со Орце Тодоровски – Ефто еден од најблиските соработници и бизнис партнери на Христијан Мицкоски со кој градеше хидроцентрални и кој беше обвинет за милионски криминал во случајот Делчевски ниви? Дали Дејан Салтировски е заштитен лично од Панче Тошковски кој што бил негов адвокат и не само што правно го застапувал туку како вработен во гранична полиција на полицајците им нудел потпишано полномошно од адвокат Панче Тошковски со цел да испумпуваат пари од буџетот на државата? Дали е точно дека Дејан Салтировски подолго време не можел да добие безбеносен сертификат и ако е така како е можно да биде поставен на една така висока позиција во МВР?“, праша Шукова.
Таа нагласи дека одговорност мора да има и најави дека СДСМ и понатаму ќе продолжува да објавува информации со кои располага.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа