Крај на партиските вработувања и клиентелизмот: Усвоени клучни реформски закони за јавна администрација

 


Усвоените реформски закони, Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници ќе значат крај за партиските вработувања, клиентелизмот и формалните реформи што со години служеа како параван за нефункционалност, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Тој на прес-конференција информираше дека овие закони не се само технички документи, туку дека се симбол на заложбата за европеизација на општеството, за градење ефикасна, професионална и одговорна јавна администрација, во служба на граѓаните и во чекор со стандардите на Европската унија. 

-Законот за вработените во јавниот сектор носи јасна и објективна процедура за вработување, базирана на заслуги и компетенции, а не на врски и партиски влијанија. Централизација и дигитализација на сите огласи преку веб-страницата на Агенцијата за администрација, што гарантира транспарентност и еднаква можност за сите кандидати. Строги ограничувања на дискреционите овластувања, со што го прекинуваме партискиот хаос во вработувањата. Специјализирана категорија за ИТ кадарот со повисоки плати и современи услови за работа, за да ги задржиме младите во земјата, истанкна Минчев.

Во однос на Законот за административните службеници појасни дека со него се воведува систем на вработување исклучиво преку компетенции и реални знаења, со електронски тестови и практични проверки. Во однос на Агенцијата за администрација, која како интегриран дел од Министерството, рече дека ќе гарантира фер и транспарентен изборен процес, дигитализиран и достапен за јавноста.

Според него, Законот за административни службеници меѓу другото ќе значи привлекување и задржување на млади таленти со хибриден и далечински модел на работа, поддржано со менторство и можности за континуиран развој, мотивирачки систем за професионален раст со задолжително стручно усовршување и менторство за секој службеник и јасно заштитен статус на државните службеници како темел на стабилна и деполитизирана државна администрација.

Законот за стручно усовршување, министерот рече дека  претставува прв законски систем за стручно усовршување во историјата на државата, кој го прави учењето задолжително и континуирано.

-Создавање на Академија за обуки и стручно усовршување како централен орган во Министерството, мотор на развој и носител на најдобри европски практики, вклучување на искусни административци како обучувачи, со мотивација и финансиска награда, високи стандарди за новите вработени со обврска за положување испит и за раководниот кадар со задолжителни обуки како и отворање врати за современа соработка со универзитети, научни центри и странски академии за постојани иновации, појасни Миничев.

Покрај овој пакет на реформски закони, Собранието го усвои и новиот Закон за инспекциски надзор со кој се укинуваат функционерските позиции во Инспекцискиот совет како и интегрирање на Инспекцискиот совет во рамките на Министерството за јавна администрација.

Министерот најави нов пакет на реформски закони, како што се Законот за висока раководна служба, Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за воспоставување на систем за плати во јавниот сектор.

-Овие закони ќе донесат дополнителна структура, стабилност и предвидливост во управувањето со јавната администрација, ќе обезбедат поголема одговорност на раководниот кадар и ќе придонесат кон правичен и одржлив систем на плати базиран на принципот „еднаков труд – еднаква плата“, истакна Минчев.

Прашан дали со новите закони платата ќе се намали кај дел од вработените, министерот децидно одговори дека платите нема да бидат намалени.

- Но за волја на вистината треба да бидеме искрени во една работа. Се работи за регулаторни тела и за неколку служби на одредени институции коишто сами за себе велат дека се самостојни и независни, што е точно. Се работи за бројка од околу 1.500 вработени коишто зимаат едни како служби 40 до 60 проценти повеќе плата од другите 115.000 илјади вработени во јавниот сектор, а во регулаторните тела имаме ситуации каде што одредени вработени, зборам оние коишто обавуваат иста дејност како сметководство во една институција и во друга имаме ситуација каде што некои вработени зимаат и од 80 до 100 проценти повеќе плата од останатите. Но платите нема да се намалат, нагласи Минчев.

Наша цел, како што рече, е во овие законски решенија да го сопреме процесот на самостојно покачување на платите со цел овие коишто земаат повеќе да запрат, а оние коишто земаат помалку и за коишто морам да кажам, дека навистина имаат скромни плати, да успееме тие средства да ги пренасочиме кон нив, односно платите на оние коишто земаат помалку да се зголемат. 

11.07.2025 - 14:27

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега