Макрон во потрага по нов премиер на Франција по изгласната недоверба на владата на Бајру
Претседател Емануел Макрон денеска треба да ја прифати оставката на премиерот Франсоа Бајру, на чија влада вчера ѝ беше изгласана недоверба, поради што францускиот лидер сега е во ситуација во која мора итно да најде наследник на Бајру за да спречи нова политичка криза, пишуваат светските медиуми.
Вчера, премиерот Бајру претрпе пораз на гласањето доверба на неговата влада во францускиот парламент, што предизвика нова неизвесност во земјата и го стави Макрон пред нов предизвик – да го најде својот седми премиер.
Од кабинетот на францускиот претседател соопштија дека се известени за исходот од гласањето и дека Макрон ќе именува нов премиер во наредните денови. Ваквиот став на Макрон, што го пренесе неговиот кабинет, во извесна смисла, им стави крај на шпекулациите дека е можно францускиот претседател да распише предвремени парламентарни избори.
„Макрон во вторник ќе се сретне со Бајру за да ја прифати оставката на неговата влада“, се додава во соопштението од претседателскиот кабинет.
Сепак, засега останува непознато кога точно Макрон би можел да го назначи новиот премиер. Извор близок до францускиот претседател изјавил дека насленик на Бајру може да биде назначен уште денеска, а не е исклучено и обраќање на Макрон.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа