Костадинов повикува на формирање независни советнички листи во Струмица
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, упати јавен повик до сите граѓани да се вклучат во процесот за создавање на независни советнички листи за претстојните локални избори. Како што објави Костадинов, овој чекор доаѓа по „растечкиот интерес и секојдневните пораки за можноста за независна кандидатура за градоначалник“.
Од разговорите со граѓаните, здруженијата и месните заедници, произлезе иницијатива за формирање на две независни советнички листи:
-
Советничка листа за турската и ромската заедница: Целта е гласот на најголемите малцински етнички заедници во Струмица да биде јасно, достоинствено и силно застапен во локалната власт. Костадинов се надева на средби со сите партии и здруженија кои сакаат да партиципираат во заеднички и достоинствен настап за поголемо претставништво на овие заедници.
-
Советничка листа за визија и развој: Оваа листа ќе биде фокусирана на креирање политики за напредок на градот и секое струмичко село.
Костадинов потенцира дека има простор за сите, без разлика на професија или статус. „Нема мали или големи луѓе кога се работи за голема идеја. Без разлика дали сте лекар, бизнисмен, земјоделец, професор, нотар, уметник, пензионер, ученик или чистач – ако имате идеја, визија и желба за подобра Струмица, ве повикувам да ми се јавите“, порача тој.
Процесот ќе биде анонимен, со организирање индивидуални средби и простор за сите мислења. Градоначалникот нагласи дека ова не е политика „против некого“, туку „политика ЗА нешто“ – политика на здрав разум, достоинство и еднаква можност за сите.
Секој што сака да биде дел од нешто ново, чесно и визионерско е поканет да испрати порака. Во наредните денови ќе следат разговори, слушање и заедничко размислување. Конечните одлуки за независна кандидатура за градоначалник и вклучувањето во процесот ќе бидат јавно соопштени за неколку недели.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа