Владата тврди: Почнува стабилизацијата на здравствениот систем

 

По една година од преземањето на власта, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги истакнува првите резултати во, како што велат, еден од најзапоставените сектори од претходната власт – здравството.

„Почна процесот на консолидација на јавните здравствени установи низ државата, што вклучува намалување на наследените долгови и екипирање со неопходен здравствен кадар“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, СДСМ оставила здравствен систем во колапс – болници со големи долгови и недостиг на медицински персонал. Новите раководства, со поддршка на институциите, почнале со домаќинско управување и финансиска стабилизација.

„Во изминатиот месец, реализирани се или се во завршна фаза над 950 нови вработувања во здравството, вклучувајќи лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари, психолози, техничари, хигиеничари и друг неопходен кадар“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу болниците што веќе го започнале процесот на вработување се Прилеп, Тетово, Штип, Битола и Охрид.

Во Прилеп, на пример, според податоците, за една година долгот на болницата е намален од 200 на 109 милиони денари. Воедно, во тек е постапка за вработување на 120 здравствени работници, меѓу кои 21 доктор, а се најавува и вработување специјализанти.

Во тетовската Клиничка болница, како што информираат, по долг период е објавен конкурс за трајни вработувања на 119 медицински кадри, а за административниот дел ќе следи посебен оглас преку Агенцијата за администрација.

Во Битола, постапката е веќе започната за десет приватни специјализанти, додека во охридската болница, седум специјализанти (анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози) веќе се вклучени во работа.

„Консолидирањето на јавните здравствени институции и зајакнувањето на човечките ресурси се суштински дел од стратегијата на Владата за унапредување на здравствениот систем. Не беше лесно, но темелите полека се поставуваат“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

 
27.07.2025 - 10:59

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега